Овде луѓе умираат – Бреша нема да игра фудбал, па макар била исфрлена во Серија Б

Разговорите околу евентуалното продолжување на италијанскиот шампионат се во тек, но претседателот на Бреша, Масимо Челино, јасно стави до знаење дека неговиот тим нема намера да го доигра првенството.

„Сезоната не може да се продолжи од повеќе причини, но две се најважни – грижата за здравјето и иднината на фудбалскиот систем. Ако ја продолжиме оваа сезона под вакви околности, би ја уништиле и следната. Треба да разберете, Бреша е во центаот на жариштето, мртовците ги изнесуваат со камиони, не можеме да размислуваме за фудбал“, истакна Челино.

Оваа екипа моментно се наоѓа во зоната за испаѓање, но претседателот на Бреша е дециден дека неговиот став нема врска со пласманот на табелата.

„Не ми е гајле за табелата, не ми е гајле за фудбал. Треба да размислуваат за да помогнат со купување на респиратори, не за продолжување на сезоната. Ако сакаат да не натераат да играме, ќе ја повлечам екипата, па макар тоа значеле службени порази. Тоа ќе го направам од знак на почитување кон граѓаните на Бреша, починатите и сите оние кои загубиле некој близок во овој период“, порача првиот човек на овој италијански прволигаш.

Се вчитува...