Озил пак го налути Арсенал: Зема 400.000 евра неделно, а одби помала плата

Месут Озил повторно се најде на удар на британската јавност откако беше обелоденето дека тој е еден од тројцата фудбалери на Арсенал кои одбиле намалување на платите во таборот на „топчиите“. Челниците на Арсенал пред неколку дена се пофалија дека се првиот клуб што комплетно договорил намалување на платите, за синоќа да биде обелоденето дека сепак тоа нема да се однесува на сите фудбалери.

Неочекувано, Озил е предводник на групата од тројца играчи кои не се согласиле на условите предложени од управата на „топчиите“, платите на сите фудбалери и на стручниот штаб да се намалат за 12,5%, и тоа не само до крајот на сезонава, туку во следните 12 месеци, до март 2021 година. Идентитетот на останатите двајца играчи засега не е познат, но Озил веднаш беше именуван како предводник на триото, за уште поголем бес упатен на адреса на поранешниот фудбалер на Реал Мадрид.

Германецот токму поради одбивањето на помала плата не си заминува од Арсенал, настојувајќи да ја земе целата сума што му е загарантирана со договорот со „топчиите“. Се очекува притисокот за негово заминување уште повеќе да се зголеми во текот на летниот преоден рок, но едно е јасно, Озил ќе одбие се доколку не добие значителен „бонус при заминување“ од таборот на лондонскиот клуб.

Се вчитува...