Управата на Манчестер Сити му идполни уште една желба на Пеп Гвардиола, успешно финиширајќи ги преговорите за трансфер на Матеус Нунеш, португалскиот играч за врска на кој ангажман каталонскиот стратег инсистираше во изминатите десетина дена.
Вулверхемптон одби неколку понуди, но на крајот двете страни постигнаа целосен договор откако и Нунеш направи притисок врз клубот одбивајќи да тренира со остатокот од екипата во последните два дена. „Волците“ на крајот прифатија загарантирани 47 милиони фунти. Покрај тоа, Вулверхемптон го ангажираше од Манчестер Сити младиот и талентиран Томи Дојл за пет милиони фунти, плус 50% од следната продажба на овој фудбалер.
Сити летово остана без неколку важни фудбалери, но Гвардиола успеа да донесе адекватни замени во својот тим. Така, нов командант во одбраната е Јошко Гвардиол, на крилната позиција беше ангажиран Доку од Рен, додека средниот ред покрај со Нунеш беше засилен и со Матео Ковачиќ од Челси.
Нема никаков сомнеж дека Сити повторно има тим со кој е главен фаворит за титулата во Премиер-лигата, но и со големи шанси за одбрана на трофејот во Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА