Падна митот за непобедливиот Милан – Јуве ги приземји „росонерите“

Јувентус е тимот што прв го зеде скалпот на Милан, прекинувајќи ја серијата од 15 меча без пораз на „росонерите“ што трае од самиот старт на сезонава. „Старата дама“ успеа да триумфира над тимот на Пиоли со 1-3, и тоа на гостински терен на „Сан Сиро“, успевајќи да прекине уште една извонредна серија на „росонерите“, кои од стартот на сезонава редовно постигнуваа најмалку по два гола на секој натпревар, но вечерва само еднаш го најдоа патот до противничката мрежа.

Во главна улога на вечерашното дерби беше Федерико Киеза, кој со два гола беше најзаслужен за триумфот на „црно-белите“ од Торино. Крилниот офанзивец го отвори резултатот по извонредното додавање на Дибала, но Милан израмани пред крајот на полувремето преку Калабрија, по еден сомнителен момент бидејќи десетина секунди пред голот имаше дуел меѓу Рабио и Чалханоглу што судиите не го окарактеризираа како прекршок за Јувентус.

Актуелниот шампион сепак покажа класа и заигра најдобро кога беше најважно, во второто полувреме кршејќи го отпорот на „росонерите“. Киеза постигна уште еден прекрасен гол, повторно на асистенција на Дибала, а третиот гол за Јуве беше постигнат по една убава акција на двајцата „резервисти“, Кулушевски го проигра Мекени, кој од пет метри немаше тешка задача да ја смести топката во мрежата на Донарума.

Милан останува на врвот на табелата со 37 бода, еден повеќе од градскиот ривал Интер, додека Јувентус сега има 30 бода, но и меч помалку од двете водечки екипи.

Се вчитува...