Пандев: Десет гола и спас на Џенова, тоа би билa идеална комбинација

Џенова има „плус четири“ во однос на Лече во борбата за опстанок, но Горан Пандев предупредува дека неговиот тим го очекува исклучително тешка задача во преостанатите четири кола. Нашиот интернационалец сезонава постигна девет погодоци за Џенова, а идеално сценарио е „десетката“ да биде „заокружена“ на градското дерби со Сампдорија.

„Доволно сум зрел на фудбалски план за да знам дека ништо не е готово, се уште има многу за играње и не смееме да се опуштиме. Головите никогаш не ми биле најважни во кариерата, но признавам дека десет гола и спас на Џенова, тоа би било идеална комбинација која би ме направила пресреќен“, истакнува Пандев.

Интересно, „битката за Џенова“ против Сампдорија е единствениот градски дерби-дуел на кој Пандев нема победено во кариерата.

„Искрено ми е жал што досега се немам радувано на победа на ова градско дерби. Ми успеваше во Рим и во Милано, се надевам дека утре ќе ја слават и првата победа во дербито на Џенова. Тоа би бил голем триумф за нас и за нашите верни навивачи. Сакаме токму на овој дуел да ја покажеме нашата вредност како тим“, порачува Горан Пандев.

Се вчитува...