Пандев добива нов тренер во Џенова

Дуелот со Парма беше можност за Џенова да се „разбуди“ и да тргне нагоре на калчолигашката табела. Наместо тоа, кризата уште повеќе се продлабочи, поразот од 1-2 беше четврти во низа за тимот на Горан Пандев, па раководството на клубот неслучајно се подготвува за нова тренерска смена.

Роландо Маран дојде на клупата на Џенова на стартот од сезонава, но воопшто не ги оправда очекувањата. По почетната победа над Кротоне, во наредните осум рунди не е забележан ниту еден триумф, тимот е паднат на претпоследното место на табелата, па алармот кај директорите е веќе запален. Според италијанските медиуми, Маран веќе во текот на денешниот ден би можел да добие отказ, а како фаворит за негов наследник се споменува Давиде Никола, стратегот што ја заврши ланската сезона на клупата на Џенова. Франческо Мароку неодамна се врати на функцијата спортски директор во клубот, добро познато е дека Мароку имаше беспрекорна соработка со Никола, што го прави овој стручњак фаворит за враќање назад на „Мараси“. Доколку не биде постигнат договор со него, како „план Б“ се споменува екс-тренерот на СПАЛ, Леонардо Семпличи.

Пред Пандев и соиграчите воедно е и пеколен распоред, ако се знае дека во следното коло гостуваат во Фиренца, по што ги очекуваат тешки дуели со Јувентус и со Милан. Нашиот ас си ја исполни големата желба за настап со Македонија на едно големо натпреварување, но се чини уште потешко ќе му биде годинава да обезбеди опстанок со Џенова.

Се вчитува...