Пандев е „пеницилин“ за Ерменците

ЕКИПА во Ереван,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија се наоѓа пред четвртиот предизвик во Лигата на нации. Со максимален ефект од три победи, избраниците на селекторот Игор Ангеловски допатуваа во Ереван на битка со грогираната селекција на Ерменија, која пред три дена загуби од Гибралтар на домашен терен. Сега ќе бара шанса за рехабилитација, но капитенот Горан Пандев јасно стави до знаење и дека нема да ја добие. Македонија е дојдена по бодови во Ереван, со намера да ја продолжи позитивната низа без пораз која трае веќе десет натпревари.

Пандев е ноќна мора за Ерменците. Најдобриот македонски фудбалер досега има постигнато четири гола во мрежата на Ерменија на седумте меѓусебни мечеви. Еден во 2004 година, два при последниот наш триумф во Ерменија (1-2) во 2005 година, и последниот на пресметката во Скопје и победата од 2-0, во овој циклус од Лигата на нации. Капитенот е максимално мотивиран да ја продолжи и сопствената голгетерска низа.

„Дојдовме да победиме. Уште пред почетокот на натпреварувањето во Лигата на нации беше јасно дека ние и Ерменија ќе се бориме за првото место. На наша среќа, ние остваривме три последовни победи, а Ерменците двапати загубија. Но, тоа и нема да биде пресудно за денешниот натпревар. Секако дека го респектираме максимално противникот, но нашата цел е да победиме и во Ереван. Ова е најсилната селекција на Македонија во историјата“, потенцира капитенот на националниот тим.

Натпреварот меѓу Ерменија и Македонија ќе се одигра на стадионот „Везган Саргсјан“, со почеток во 18 часот.

Се вчитува...