Пандев гази како во старите добри времиња – вакви бројки немал уште од Наполи

Горан Пандев со новиот гол на дуелот против СПАЛ уште еднаш потврди дека се уште може да игра на високо ниво и дека ќе стори се за да помогне Џенова да опстане во елитното италијанско фудбалско друштво. Воедно, сезоната што Пандев ја игра во дресот на Џенова е фантастична, а бројките што Македонецот ги оствари со бројот на постигнати погодоци потсетуваат на неговите најдобри офанзивни партии, додека го носеше дресот на Лацио.

Најефикасна сезона на Пандев беше 2007/08, кога нашиот голгетер на 32 средби за Лацио постигна 14 погодоци. Наредната сезона, што воедно беше и последна за него како член на римскиот тим, Пандев стигна до „котата девет“, што е идентична на бројот на погодоци што нашиот интернационалец ги има во моментов во Џенова, на шест кола до крајот на сезоната.

По Лацио, Пандев настапуваше и за Интер (најмногу постигна три гола во една сезона во Калчо-лигата) и за Наполи (максимум му беа седумте погодоци во сезоната 2013/14), но македонскиот ас во овие клубови ја немаше слободата што му беше давана во Лацио. Иако на залезот од кариерата, Пандев доби шанса од тренерот Никола да го покаже она што најдобро го знае кога има слобода во играта – претставува константна опасност по противничкиот гол, но и да ги разигрува соиграчите.

Македонецот пред извесно време ги откри двете желби до крајот на кариерата, прво да обезбеди опстанок со Џенова, а потоа и со репрезентацијата да се пласира на ЕВРО 2020. Со ваква форма на Пандев, слободно може да се каже дека двете се реално остварливи.

Се вчитува...