Пандев има отворена понуда: Остани и играј овде чекајќи го ЕП

Горан Пандев се уште нема донесено конечна одлука околу продолжението на кариерата, откако одложувањето на баражите и на целото европско првенство ги поремети неговите планови за пензионирање на крајот од сезонава. Тој не крие дека сака да го заврши овој квалификациски циклус како последен обид со Македонија да стигне до едно големо натпреварување, но неодамна најави дека би можел и на крајот од сезоната да му каже збогум на фудбалот.

Во Џенова се надеваат дека тоа нема да се случи, а претседателот Енрико Пречиози објави дека веќе разговарал со Пандев за да продолжи да го носи дресот на овој тим.

„Се сретнав со Пандев и го прашав: Дали сакаш да играш на ЕП? Тогаш, имаш отворена понуда, остани и играј тука додека сакаш. Пандев е еден од најсериозните фудбалери со кои се имам сретнато, тој има огромно позитивно влијание врз нашиот тим и нормално е да се чувствувам приврзано кон него“, изјави Пречиози.

УЕФА утре ќе го објави новиот термин за одигрување на бараж-дуелот од Лигата на Нации против Косово, кој според неофицијалните информации ќе се игра во месец октомври.

Се вчитува...