Пандев: Македонската лига е катастрофа, кога губевме од Андора ми беше срам да се вратам во Лацио

Горан Пандев во мегаинтервју за српски „Моцарт“ говореше за својата кариера, но и за случувањата во мак-фудбалот. Иако и самиот преку Академија Пандев е активен во случувањата во домашниот шампионат тој распали по лигата и по клубовите кои настапуваат во неа.

Најдобриот македонски фудбалер иако е сопственик на еден од клубовите кои настапуваат во Првата македонска фудбалска лига, Академија Пандев и веќе долги години клубот е во елитата, смета дека лигата е катастрофална.

„Искрено, кога би се вратил 10-15 години назад, не би вложувал на ист начин… Не би вложувал во прв тим, туку само во млади категории. Нашата лига е катастрофа. Немаш никаква помош од федерацијата, никаков маркетинг, цените на играчите се смешни… Федерацијата потпишува договор за ТВ права, а клубовите не добиваат ништо. Но, што можеш… Ќе продолжиме, ќе се бориме и ќе чекаме вистински луѓе. Нашата лига е црнило и катастрофа“, вели Пандев. 

Тој говореше и за времето поминато во репрезентацијата и за тоа како после поразот од Андора му било срам да се врати во Лацио…

„Имаше и период кога прескокнав една квалификации. Но, кога ќе го облечете дресот на репрезентацијата и вашата земја, се е поинаку отколку во клубовите. Имаше кризи и порази. Загубивме од Андора, се срамев да се вратам во Лацио по вакви порази. Реми со Холандија па губиш од аматери од Андора?! Тоа може да ни се случи само… се враќам во Рим и не можам да се средам месец дена после тоа, а Делио Роси вика и ме прашува што ми е. Ми рече да се откажам од репрезентацијата бидејќи и онака секогаш сме петти во групата. Но за мене репрезентацијата е светост“, изјави Пандев кој подоцна сепак направи пауза од репрезентацијата. 

Се вчитува...