Пандев против омразениот тренер ќе брка опстанок во елитата

Горан Пандев и Џенова вечерва ќе ја водат клучната битка за опстанок во елитното италијанско фудбалско друштво, за ривал ќе ја имаат Верона предводена од добро познато лице за Македонецот и неговите соиграчи, хрватскиот стратег Иван Јуриќ. Овој стручњак во претходните две сезони имаше кратки авантури на клупата на Џенова, при што „јавна тајна“ беше дека не е во најдобри односи со Пандев.

Македонецот не добиваше преголема минутажа додека Јуриќ беше тренер, на оние средби на кои играше немаше слобода да ги покаже своите квалитети, па затоа вечерашниот дуел ќе биде идеална шанса Пандев да му се „одмазди“ на овој стручњак за неправедниот однос кон него.

Денешниот натпревар нема никакво резултатско значење за Верона, но Јуриќ јасно стави до знаење дека не планира да му направи услуга на својот поранешен клуб.

„Сакам да играме сериозно, да дадеме се од себе. Нема да настапам со ниту еден младинец во тимот без оглед што е последно коло, сакам да одиграме добар меч. Јас и како играч и како тренер бев дел од Џенова, го имаме и Велосо, кој е оженет со ќерката на претседателот на овој клуб, но ние сме дел од Верона и ќе сториме се за да стигнеме до позитивен резултат“, истакна Јуриќ на вчерашната прес-конференција.

Математиката е едноставна, Џенова со победа над Верона сигурно останува во елитното друштво. Доколку Пандев и соиграчите не успеат во тоа, ќе им биде потребна помош од Парма, за овој тим да не загуби на гостувањето во Лече.

Се вчитува...