Пандев скромен: Имам 37 години, тука сум да им помогнам на „децата“

Горан Пандев беше во главна улога при денешниот триумф на Џенова над СПАЛ, на кој македонскиот ас го постигна првиот гол и врз него беше направен прекршокот по кој Шене од слободен удар ги постави конечните 2-0.

„Секако дека сме среќни. Ова беше важен натпревар на кој забележавме победа, но сега пред нас се уште шест финалиња. Сакаме да обезбедиме опстанок, верувам дека овој клуб, овие навивачи, овие момци на теренот, сите го заслужуваат тоа. Го победивме СПАЛ, но ништо не е готово, пред нас се нови предизвици до крајот на сезонава“, истакна Пандев.

Македонецот со девет гола е најдобар стрелец на Џенова, а медиумите во Италија пишуваат дека тој ја доживува „втората младост“ сезонава.

„Нема втора младост, имам 37 години, секогаш го давам максимумот, но јас сум тука за да им помогнам на „децата“ кои се многу помлади од мене. Заедничка цел ни е опстанокот во Серија А“, порача Горан Пандев.

Се вчитува...