Фудбалерите на Академија Пандев посакуваат рехабилитација за првиот пролетен пораз, оној од Работнички на стартот од сезоната, иако се свесни дека ги очекува повеќе од тешка задача на гостувањето против Шкупи во Скопје во 20. коло од ПМФЛ.
Шкупи отворено тргнува во битка со Шкендија за шампионската титула и безусловно ќе атакува на триумф и против „пандевци“, иако е јасно дека составот на Александар Васоски со сериозен мотив патува во Скопје.
Пелистер, пак, по ремито со Вардар во Скопје, сега сака три бода од дуелот со Ренова во Битола.
Дефанзивецот на пелистерци, Бојан Илиевски верува во добра претстава и три бода.
„Го анализиравме противникот во текот на тренинзите оваа недела. Натпреварот против Вардар е заборавен, веќе имаме директна битка за опстанок против Ренова. Имаме ист број на бодови и мораме да го добиеме овој натпревар, за да имаме мир во продолжението на сезоната. Целта ни е да се одлепиме од Ренова за помирно да се посветиме на следните натпревари. Игравме и во Купот и во првенството против Ренова и двата натпревари завршија нерешено. Се надевам дека сега ќе извојуваме победа. Добро сме воиграни, дојдоа квалитетни засилувања и мислам дека ќе ни помогнат да обезбедиме опстанок“, вели младинскиот репрезентативец на Македонија, дефанзивецот на Пелистер, Бојан Илиевски.
На него се надоврзува и 16-годишниот офанзивец Михаил Талевски.
„Не очекував толку брз развој, но среќен сум што ја добив довербата од тренерот Димитар Капинковски и претходниот предводник Зоран Штерјовски. Се надевам дека ги исполнив очекувањата и за во иднина имам уште поголема желба и мотив. Нашите цели се високи. Иако јавноста нè критикува, атмосферата е на високо ниво, бидејќи веруваме во нас и се надеваме на позитивен резултат против Ренова“, смета Талевски.
ПРВА ЛИГА – 20. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БОРЕЦ
Тетово: ШКЕНДИЈА – ВАРДАР
Скопје: ШКУПИ – АК. ПАНДЕВ
Струмица: БЕЛАСИЦА – СТРУГА ТЛ
Битола: ПЕЛИСТЕР – РЕНОВА
ВЧЕРА
Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС 1-1
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА