Пане Блажевски: Силекс е под поголем притисок, можеби е тоа наша шанса…

Кавадаречки Тиквеш долги години го очекува враќањето во Првата македонска фудбалска лига. Бараж-пресметката со Силекс утре од 16 часот на националната арена „Тодор Проески“ е шанса Тиквеш да го изненади прволигашот и да се врати во елитата.

Тренерот на Тиквеш, Пане Блажевски е свесен дека Силекс ја носи фаворитската улога, но вели дека кратовци и се под поголем притисок за успех што може да донесе некоја мала предност за неговиот тим.

„За мене ова е трет бараж, сега со екипата со Тиквеш со која откако дојдов пред четири месеци се подготвуваме, на некој начин, токму за овој бараж затоа што веќе нештата во Втората лига од поодамна беа познати околу распределбата на позиции“ – вели Блажевски, притоа дополнувајќи:

„Ќе се обидеме дуелот со Силекс да го одиграме максимално одговорно. Знаеме дека не чека квалитетна прволигашка екипа која не сакаме ниту да ја прецениме, ниту да ја потцениме. Сакаме да одиграме вистински цврст натпревар. На вакви дуели секогаш може да одлучи желбата, мотивот, инаетот, па ќе се обидеме после толку време да го вратиме Тиквеш во Првата лига. Силекс е под поголем притисок од нас, и затоа верувам дека со тимска игра ќе дојдеме до успех“.

Кавадарчани изминатиов период го анализираа и детално Силекс во очекување на баражот.

„Силекс го анализиравме, видовме добри и лоши страни. Добро сме подготвени, знаеме што можеме ние да направиме и што може да очекуваме од противникот. На вакви дуели го одлучуваат и индивидуални грешки, а во голема мера може да одлучува и факторот среќа“ – вели Блажевски.

Во втората бараж-пресметка за место во Првата лига, на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ ќе се соочат Охрид и Ренова.

Се вчитува...