Панел-дискусија за подобар спорт: Мора измени во Законот за спорт, државата мора да разбере од колкаво значење за општеството е спортот!

Во организација на атлетската манифестација „Охрид ТрчаТ“ во Европската куќа во Скопје се одржа панел-дискусија на која учествуваа организатори на дел од најголемите домашни атлетски манифестации, а во насока на доловување на значењето на спортот за едно општество, но и отворање на прашањето за конечно вистинска поддршка на спортските настани од масовен тип во земјава.

Домаќин и модератор на панел-дискусијата беше директорот на „Охрид ТрчаТ“, Иван Цветкоски, а во која своите ставови ги искажаа директорот на „Визер Скопскиот маратон“, Кире Синадиновски, организаторот на „Охрид ТрчаТ“, Јоне Станкоски и член на организацискиот одбор на „Поетската трка“ од Струга, Михајло Ристески.

„За мене, за нас гласот на тие кои се дел од спортот и кои секојдневно се посветени кон него треба да се слушне. Ние говоревме за делот во кој ние сме вклучени и се надевам дека ова ќе биде само почеток кон посеопфатната дебата ЗА спортот и ЗА поамбициозниот спортски развој во Македонија“ – истакна Цветкоски на дебатата на која беа експлицитно објаснети и сите придобивки од спортот.

„Овие настани се повеќе од значајни и од општествен аспект и за целокупната позитивна енергија која ја носат со себе. Се работи за таква еуфорија, не само меѓу учесниците на трките, туку и меѓу самите граѓани кои излегуваат да ги поддржат натпреварувачите. И тоа не се објаснува, но треба да се доживее. Затоа се повеќе од неопходни за спортското живеење“ – истакна Кире Синадиновски.


Уште еднаш беше потенцирано дека спортот е најголемиот амбасадор на една држава…

„Спортот руши граници, се работи за една моќна алатка која носи бенефит и за многу други дејности, но и за промоција на државата, градот и идеите за подобро живеење. Поголем амбасадор од спортот не постои и затоа во иднина државата треба да донесе некои измени околу начинот на поддршка на спортот, за кои и претходно е разговарано, а сето тоа во интерес и на самата држава но и на сите спортисти“ – рече Јоне Станкоски.

Беше нагласена и потребата од подигнување на свеста кај приватните компании кои мора да вложат повеќе во заедницата, а еден од начините е секако спортската поддршка за најмладите и за масовниот спорт.

„Непријатно сум изненаден од приватниот сектор во Струга, секако со сите оние чесни исклучоци кои не поддржаа. Но, од навистина гигантни компании бевме одбиени за поддршка на еден таков настан. Позитивно, пак, сум изненаден од гиганти од Македонија, од компании кои самоиницијативно не поддржаа. Но, верувам дека свеста за спортот и ваквите настани ќе проработи и кај некои локални компании по нашите градови па ќе разберат дека било каква поддршка за спортот, не мора таа да биде само финансиска, ќе донесе бенефит и за нив самите“ – истакна Ристоски, на што се дополни директорот на „Охрид ТрчаТ“, Иван Цветкоски со заеднички заклучок на учесниците на панел-дискусијата дека се неопходни извесни промени во Законот за спорт.

„Мора да се промени и законот за спорт во насока на точно прецизирани мерки за финансиска поддршка на спортските манифестации. Редно време е организаторите на сите овие спортски настани кои се од огромно значење за општественото живеење да добијат можност за подоинствена организација на манифестациите, затоа што непријатно е чувството“ – истакна Цветкоски.

КОМПЛЕТНАТА ПАНЕЛ-ДИСКУСИЈА МОЖЕ ДА ЈА ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

 

Се вчитува...