Парондо пред Вардар: Да останеме со ладни глави во жешката атмосфера

Вардар утре ќе го пречека Мелсунген во последното коло од групната фаза од Лигата на Шампионите, дуел што резултатски е многу позначаен за гостите кои со победа би се пласирале во следната рунда отколку за „црвено-црните“, кои по четирите порази на стартот ги загубија сите шанси за такво нешто.

„Вардарци“ со импресивното издание во Нант и гостинската победа среде Франција ги шокираа сите, покажувајќи дека несреќните порази од стартот на сезоната се само мотив плус за тренерот Чупиќ и за неговите избраници да докажат дека Вардар неслучајно е дел од европската ракометна елита.

Свесен за тоа е и тренерот на Мелсунген, Роберто Гарсија Парондо, стратегот што ја донесе втората европска титула на скопскиот клуб и чие име засекогаш ќе остане запишано со златни букви во историјата на „црвено-црните“. Во спортот сепак нема многу простор за емоции, па нема сомнеж дека Парондо ќе стори се за да стигне до триумф на утрешниот дуел. Пораката до неговите избраници е јасна – клучно ќе биде да се одолее на пеколната атмосфера што ја создаваат македонските фанови.

„Сакаме да се пласираме во следната рунда, а тоа значи да го завршиме последниот чекор во Скопје. Ни следи дуелот со Вардар, ривал што го почитваме, но среќни сме што сме господари на сопствената судбина кога станува збор за нашиот пласман во наредната фаза од Лигата на Шампионите. Најважно од се ќе биде да останеме со ладни глави во таа жешка атмосфера во Скопје“, прокоментира Парондо во пресрет на утрешниот натпревар.

Се вчитува...