Парондо: Традицијата не значи ништо против Рајн-Некар Левен

Експедицијата на Вардар отпатува на тешкото гостување во Германија против Рајн-Некар Левен, на теренот на кој „црвено-црните“ никогаш немаат претрпено пораз. Имено, на досегашните три гостувања против „лавовите“ македонскиот шампион има две победи, во 2015 и во 2016 година, а ланската сезона одигра 21-21 во меч во кој Арпад Штербик одбрани зицер во последната секунда.

Тренерот Роберто Гарсија Парондо очекува исклучително тежок натпревар, кој е од многу големо значење за конечниот изглед на табелата во групата.

„Не ја гледаме традицијата, досега немавме никогаш победено во Веспрем, но сезонава го сторивме токму тоа. Затоа и не треба да се вртимие кон минатото, поважно е да се фокусираме на играта наша. Секој меч е различен и треба да бидеме различно подготвени според тактиката на противникот. Имаме уште четири натпревари до крајот на групната фаза. Ќе играме со максимално на секој натпревар, зашто секој меч сега е важен. Рајн Некар е одличен тим, а ние се соочуваме со проблеми бидејќи ни треба повеќе време за тренирање. Не сме комплетни, па треба да комбинираме со тоа што го имаме“ – истакнува Парондо.

Шпанскиот стратег за утрешниот натпревар нема да може да смета на Борозан и на Мораеш, како и на Сергеј Горбок, кој е во „аут“ до крајот на сезонава поради тешката повреда на коленото.

Се вчитува...