Партизан ја доби мајсторката со Цедевита, но дали и кога ќе почне финалето со Црвена Звезда

Партизан е вториот финалист во АБА-лигата откако „црно-белите“ славеа во вечерашната мајсторка со Цедевита Олимпија, декласирајќи го гостинот од Словенија со убедливи 90-71 за место во големото финале против вечниот ривал Црвена Звезда. Сепак, станува да се види дали и кога оваа финална серија воопшто ќе стартува, ако се знае дека Црвена Звезда се закани дека нема намера да го почне АБА-финалето додека не заврши со обврските во српското првенство.

АБА-календарот вели дека првиот финален меч треба да се игра на 12 јуни, српскиот плејоф би можел да трае најдоцна до 22 јуни, доколку се играат мајсторки и во (најмалку) едно полуфинале и во големото финале, па останува да се види дали „црвено-белите“ ќе останат доследни на најавите за бојкот и напуштање на лигата, или ќе биде најден заеднички јазик.

Што се однесува до денешната мајсторка во Белград, Партизан уште на самиот почеток покажа дека е решен да го остави зад себе шокантниот пораз во Љубљана, уште во првата четвртина стигнувајќи до двоцифрено водство (24-14). Цедевита благодарение на резервниот плејмејкер Ребец на почетокот од второто полувреме го доведе мечот до израмнување, но следеше нова серија на избраниците на Жељко Обрадовиќ, кои до крајот на полувремето поведоа со убедливи 41-30. Третиот период мина во израмнета игра, за Партизан уште повеќе да се одлепи во последните 10 минути, на крајот славејќи со убедливи 90-71.

Зек Ледеј со 17 поени беше најефикасен кај Партизан, Нанели постигна 12 поени, а Егзум, Анѓушиќ и Смаилагиќ по 11 поени за победничкиот тим. Кај Цедевита Олимпија најпрецизен беше Зоран Драгиќ со 15 поени.

Се вчитува...