Партизан се откажа од српскиот плејоф, следи ли преселба во најнизок ранг на натпреварување?

На белградски Партизан му се заканува преселба во најнизок ранг на натпреварување во кошаркарска Србија откако „црно-белите“ донесоа одлука да не се натпреваруваат во плејофот од домашното првенство.

Ваквата разврска следи откако Партизан во неколку наврати јавно негодуваше на одлуката на Кошаркарската Федерација на Србија во оваа сезона директно да се стартува со плејоф, а пласманот да се пренесува од АБА-лигата, каде Црвена Звезда би имала предност на домашен терен во евентуалното финале меѓу вечните ривали.

По серијата инциденти на финалните пресметки од АБА-лигата, Партизан денеска и официјално потврди дека нема да биде дел од домашното првенство.

„КК Партизан ја заврши сезоната 2021/22 и нема да се натпреварува во плејофот од домашната Супер-лига. Ваквата одлука клубот ја донесе по сите случувања на финалната серија од плејофот од АБА-лигата, каде на сите пет натпревари се случија бројни инциденти кои доведуваа до прекини, загрозување на безбедноста на играчите и стручниот штаб, но и срамотење на српската и регионалната кошарка пред светската јавност“, објави Партизан.

На потег е српската куќа на кошарката, вообичаената казна за одбивање за настап е преселба во најнизок ранг на натпреварување, a останува да се види дали на „црно-белите“ ќе им се прогледа низ прсти или правилата ќе бидат децидно спроведени.

Партизан во полуфиналето од плејофот требаше да се сретне со ФМП, па сега овој тим најверојатно ќе обезбеди директен пласман во финалето. Во втората полуфинална двојка силите ќе ги одмерат Црвена Звезда и Мега.

Се вчитува...