Вељко Пауновиќ во вториот меч ја забележа првата победа како селектор на Србија, предводејќи го нашиот северен сосед до триумф над Летонија со 2-1. Гостите неочекувано први поведоа во Лесковац, но српските фудбалери собраа сили за целосен камбек, триумфирајќи со головите што во второто полувреме ги постигнаа Катаи и Станковиќ.
Без оглед на победата, Србија не успеа да стигне до второто место и баражот кои им припаднаа на репрезентативците на Албанија, осигурани уште едно коло пред крајот на квалификациите. Албанците во последното коло загубија на домашен терен од Англија со 0-2, меч во кој двоен стрелец беше Хари Кејн.
Томас Тухел може да биде горд на изданијата на своите избраници ако се знае дека Англија испиша историја, со стопроцентен ефект во овие квалификации, и тоа без ниту еден примен гол.
Украина со головите на Зубков и на Гутсилијак го совлада Исланд со 2-0 и осигура пласман во баражот, во групата во која рутински прва беше Франција. „Триколорите“ во последното коло и без неколку стандардни првотимци рутински славеа во Азербејџан со 1-3, со головите што беа дело на Матета, Аклиуш и Магомедалијев (автогол).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

