Пехарот „Жил Риме“: Злато, драгоцени камења, но пред се слава и престиж

На почетокот се викаше Виктори, нешто подоцна го промени името „Жил Риме“, познат и по називот „Трофеј на светското првенство“. Секако станува збор за пехарот за кој битка попладнево ќе водат фудбалерите на Хрватска и на Франција.

Втората светска војна ја мина скриен во кутија под креветот, првпат беше украден во 1966 година, а го пронајде кучето Пиклс. Вториот пат исчезна во 1983 година и до ден денеска никој не знае каде се наоѓа. ФИФА во 1970 година донесе одлука за замена на дизајнот на трофејот, а од 53 предлози беше прифатен оној на италијанскиот уметник Силвио Гацанига.

Пехарот е висок нешто помалку од 37 сантиметри и е направен од шест килограми чисто злато. Базата му се состои од два слоја полудрагоцени камења, а на долниот дел се изгравирани годините на одржување на СП и победниците од 1974 година. За разлика од првиот трофеј, кој се доделуваше во трајна сопственост по три освоени титули, новиот пехар е во ограничена сопственост на светските прваци, а смеат да го допрат само прваците и претседателите на државите.

Вредноста на овој пехар изнесува околу 11 милиони евра, но многу повеќе од парите тој значи слава и престиж, да се допре она што е недопирливо за илјадници суперѕвезди, а денеска ќе биде на дофат на „коцкестите“, или на „триколорите“…

Се вчитува...