Пелистер е најдобриот тим пролетва, Капинковски задоволен: „Во третиот круг помирни во борба за горниот дел од табелата“

Пелистер е најдобриот тим во пролетниот дел од Првата македонска фудбалска. Во четири натпревари битолчани единствени во шампионатот имаа десет бода, три победи и едно реми со Вардар, оваа пролет.

Стрелец за денешната победа од 1-0 против Борец во Битола беше Пејаковиќ во 41. минута од средбата.

Сето тоа носи задоволство за шефот на стручниот штаб, Димитар Капинковски, кој вели дека и во третиот круг мора да се продолжи во ист стил.

„Како што кажав и пред мечот се покажа дека ќе биде тврд, неизвесен натпревар со многу шаховска тактика. Но, мора да кажам дека имавме и малку среќа токму во важен момент, пред паузата, да дадеме погодок кој ни го отвори патот до триумфот“ – истакна Капинковски по мечот, притоа дополнувајќи:

„Ова е многу важна победа и од психолошки аспект, за сега нешто помирно да влеземе во третиот круг од натпреварите во Првата лига и со нови сигурни и квалитетни игри да се приклучиме кон горниот дел од табелата и да ги избегнеме и оние места кои носат во баражот од борбата за опстанок“.

Се вчитува...