Пелистер го освои „Кале“ за десетта победа во Првата лига

Пелистер стигна до десеттата победа во Првата лига откако во 13. коло славеше на гостувањето во Скопје против Работнички со 79-88. Избраниците на Илевски кои за нецели шест минути игра постигнаа 20 поени рано стигнаа до висока предност, а и покрај падот во играта во продолжението од средбата и камбекот на Работнички ја задржаа позитивата до самиот крај.

Пелистер успеа да го заштити рекетот на отварањето на средбата, а тоа им донесе на „зелено-белите“ лесни поени во транзиција со кои гостите поведоа со 4-13. Тајм-аутот на Мираковски не вроди плод, добрата одбрана на Пелистер не дозволи отворени обиди на Работнички, а шутот не беше во полза на „црвено-белите“ па битолчани поведоа со 6-23. До крајот на првата четвртина домашниот состав успеа да го одговори зад линијата 6,75 преку Марковски и Нотџ, одигра добро и во одбраната на рекетот па успеа да ја намали разликата на 16-28. Работнички успеа да ги лимитира поените во рекетот, но Пелистер го имаше расположениот Карпентер кој го отвори мечот со „седум од седум“ па предноста на гостите се искачи на 22-39. Овој пат тајм-аутот на домашниот тренер вроди плод, Работнички заигра далеку поагресивно во одбрана до крајот на полувремето што резултираше со изгубени топки на битолчани. „Црвено-белите“ истите ги реализираа во нападот, притоа го имаа и расположениот Форте во рекетот па со поените на Американецот со звукот на сирената резултатот гласеше 42-46.

Одбраната повторно беше во преден план на отварањето на второто полувреме. Прво го одбележаа кошаркарите во „зелено-бело“ кои одново го примора Работнички на тешки обиди, а најдоа решение во нападот преку бековската линија за ново двоцифрено водство (44-55), но „црвено-белите“ не дозволија истото да трае долго. Во серија влезе Бакоч, нему му се приклучија и Форте и Марковски за натпревар на само еден посед (56-58). Работнички имаше шанса и да водство преку Нотиџ, но Американецот не реализираше со звукот на сирената па на семафорот пред одлучувачката четвртина стоеше резултат 64-66. „Црвено-белиот“ напад повторно потфрли во реализацијата во последната четвртина. Избраниците на Мираковски постигнаа само три поени за шест минути игра, а тоа го искористи Пелситер кој го исконтролира скокот и не дозволи поени од втора шанса, успеа да поентира и за три поени за нова двоцифрена предност (67-79) од која овој пат „најтрофејните“ не успеаја да се вратат.

Малешевиќ со 20 поени и 7 скока беше прво име кај Работнички, додека него го следеше Форте со „дабл-дабл“ од 19 поени и 11 скока. Како двоцифрени со по 11 поени мечот го завршија и Марковски и Бакоч. Со 30 поени лидер на Пелистер беше Карпентер, а 18 поени и 7 асистнеции додаде Карутерс.

Се вчитува...