Пелистер и Струмица броеја до 215 – двата бода остануваат во Битола

Пелистер стигна до третата победа во Првата кошаркарска лига откако во 4. коло на домашен терен славеше над Струмица со 114-101. Битолчани беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, а клучната предност ја направија на крајот на првото и почетокот на второто полувреме за мирен финиш и нови два бода.

Струмица беше расположена во обидите за три поени на отварањето на средбата и тоа и донесе предност од 8-11, но како што одминуваа минутите така Пелистер ја превзема иницијативата. Битолчани одговорија преку Мустафица, Краутерс и Хаџифејзовиќ па до крајот на првите 10. минути поведоа со 30-25. Преку Крстајиќ и Асрат гостите ја вратија неизвеноста во воведот на втората четвртина, но и покрај тоа што „сино-белите“ се одржуваа во игра со обидите за три поени, „зелено-белите“ одговорија со одлична игра во одбраната во завршницата на првото полувреме, а тоа беше доволно за предност од 54-45.

Високата реализација на Струмица запре во третата четвртина, а Пелистер со одличната игра во нападот продолжи да го диктира темпото. Од минута во минута ја зголемуваше преднсот, во еден момент поведе и со 24 поени (84-60), но во завршницата на третата четвртина Зетов и Мицев донесоа 86-67. Последната четвртина беше само форалност во која струмичани го ублажија поразот, а без посериозна одбрана и двата тима ја надминаа границата од сто постигнати поени.

Хаџифејзовиќ го предводеше Пелистер со 31 поен и 4 скока, 23 поени и 6 асистенции забележа Карутерс, а 15 поени и 3 асистенции додаде Караџовски.  Со 26 поени и 6 скока лидер на Струмица беше Крстајиќ, 20 поени додаде Зетов, а 18 Мамузиќ.

Се вчитува...