Пелистер не виде мака со Академија ФМП

Пелистер очекувано лесно и рутински славеше над Академија ФМП со резултат 81-67, за нова победа во домашното првенство по враќањето на мак-сцената по завршувањето на новиот балон во АБА2 лигата. Битолчани повторно не беа комплетни, во тимот ги немаа Стајиќ и Хаџифејзовиќ, тренерот Илиевски го изротира тимот и им даде минутажа на речиси сите кошаркари, што не влијаеше на конечниот исход на овој натпревар.

Гостите од скопска Кисела Вода парираа само осум минути, кога по 18-17 Пелистер заигра нешто подобро и ја заврши првата четвртина со 22-18. Михајлоски ја отвори втората четвртина со тројка, „пелистерци“ поведоа со 25-18 и го контролираа резултатот до крајот на полувремето, кое го завршија со двоцифрено водство од 38-28. Избраниците на Илиевски го отворија и третиот период со 6-0, по што и со комбиниран состав лесно го контролираа резултатот се до самиот крај и конечните 81-67.

Карпентер со 16 и Карутерс со 14 поени беа најефикасни меѓу „пелистерци“, во чии редови дури 11 различни играчи се запишаа меѓу стрелците. Најдобар стрелец на Академија ФМП на мечот во Битола беше Смит Меквен со 20 поени.

Се вчитува...