Пелистер нема што да загуби против големиот фаворит Магдебург

Ракометарите на Пелистер вечерва во Битола ќе го пречекаат бундеслигашот Магдебург во првиот натпревар од осминафиналниот двомеч во новоформираната Лига на Европа. Тренерот на „зелено-белите“ Жељко Бабиќ вели дека оствариле одличен резултат со пласманот во осминафиналето, а дека сега ќе направат се што е во нивна моќ да го изненадат големиот фаворит.

Проблем за „пелистерци“ е што во тимот нема да биде првиот голман Хендави, па шанса на голот повторно ќе добијат Чаневски и Трајковски.

„Мислам дека остваривме многу добар резултат, сите сме горди на пласманот во осминафиналето. Среќни сме што ни доаѓа моќна германска екипа како Магдебург, екипа која е во врвот на првенството на Германија. Но, во спортот не се живее од минатото, па ние ќе направиме сè добро да се презентираме и да најдеме што е лоша страна на Магдебург. Тие играат многу брзо, брза транзиција и брз проток на топка. Имаат на сите надворешни позиции пониски ракометари, кои се моќни во играта „еден на еден“. Магдебург има крила кои скокаат од мали агли и имаат висок процент на реализација. Имаат и подвижна одбрана и можам да набројувам уште многу работи. Тие неслучајно се втори во Бундеслигата, но ќе повторам уште еднаш: Без оглед на сите нивни квалитети, ние ги знаеме нивните слабости. Секој противник има свои слабости и со ментална агилност ќе ги пореметиме и верувам дека тие ќе имаат големи проблеми во Битола. Оптимист сум и покрај тоа што игравме многу натпревари и имаме повредени ракометари. Никој не е фаворит во Битола против Еурофарм Пелистер“, вели Бабиќ. 

Пикерот на битолчани, Никола Маркоски вели дека ќе дадат се од себе за да го изненадат големиот фаворит.

„Секој натпревар со бундеслигаш е голем натпревар. Штета што нема публика да биде поинтересно. Ќе дадеме сè од себе да извелечеме добар резултат во Битола, па во реваншот ќе се бориме колку што можеме. Секако дека Германците се фаворити, ние ја имаме улогата на аутсајдери и наше е да покажеме дека тоа не е така. Карактеристиките за нивниот најдобар ракометар Безјак ни се познати. Добро влече полуконтра и игра еден на еден, така да ќе се обидеме да го затвориме. Голема улога во играта на Магдебург има и десниот бек со шутевите од надворешните позиции“, вели Маркоски. 

Натпреварот во арената „Боро Чурлевски“ во Битола е закажан во 20:45 часот.

Се вчитува...