Пелистер посакува чесно збогум од Европа

Сосема очекувано нема многу надеж во редовите на Пелистер за пласман во 2. квалификациско коло од Лигата на Европа пред равеншот со Лех Познањ. По оној пораз од 4-0 во Полска јасно е дека желбата на „пелистерци“ е пред се чесно збогум од Европа, со надеж дека ќе се заокружи со победа против Полјаците.

Секако, никој не помислува предвреме да се откаже па останува обидот да се искористи секоја шанса што ќе се укаже да се изненади противникот, но реалноста не остава многу простор за големи очекувања.

Стратегот на „пелистерци“, Наџи Шенсои вели дека неговите фудбалери ќе играат за честа на тимот, за своите навивачи, но секако и да се стигне до триумф…

„Утре ќе играме за честа и за зголемување на коефициентот за идните сезони во Европа. Гледате дека учеството на Работнички со години наназад, веќе им даде плодови со тоа што го извлекоа тимот од Сан Марино. Тоа е патот кој сака да го следи и Пелистер. Ни преостанува да се надеваме дека ќе извојуваме победа за честа и за нашите навивачи“ – вели Наџи Шенсои.

Натпреварот меѓу Пелистер и Лех Познањ се игра со почеток од 17 часот на стадионот „Младост“ во Струмица.

 

Се вчитува...