Екипата на Пелистер успешно финишираше уште еден трансфер, па денеска го комплетираше ангажманот на словенечкиот репрезентативец Ник Хенигман. Станува збор за искусен играч кој настапува на позицијата лев бек и се очекува да го заземе местото на Урош Борзан, кој летово си замина од Пелистер и потпиша договор со Алкалоид.
„Малата словенечка колонија во Еурофарм Пелистер добива уште еден нов член. Дресот на шампионот на Македонија ќе го носи левиот бек на словенечката репрезентација, Ник Хенигман, кој во Битола доаѓа од францускиот Шартр. 29-годишниот Хенигман потпиша на една сезона, со опција за уште една ако двете страни бидат согласни“, објавија битолчани на официјалната страница на фејсбук.
Се работи за искусен лев бек, кој во кариерата играл за домашната Рибница, унгарскиот ПИК Сегед и француските клубови Сант Рафаел и Шартр. За словенечката репрезентација има околу сто натпревари и претставува еден од клучните елементи во системот на сите селектори, вклучувајќи го и актуелниот. Најголем успех му е бронзата од Светското првенство во Франција во 2017 година.
Неговото претставување во Битола е предвидено на крајот од јули, по почетокот на подготовките на екипата за сезоната 2025/26.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА