Пелистер се врати од двоцифрена негатива за победа во Кавадарци

Натпреварот на 7. коло од Првата кошаркарска лига му припадна на Пелистер кој славеше во Кавадарци против Еуро Никел со 64-73. Кавадарчани беа подобриот противник во поголемиот дел од првото полувреме, имаа и двоцифрена предност, но добрата игра на битолчани на двата дела од теренот донесе целосен пресврт, а потоа и шестти триумф во низа.

Еуро Никел беше подобро расположен на отварањето на натпреварот во обидите за три поени, а кавадарчани одиграа и добро во одбраната користејќи ги изгубени топки на Пелистер па стигнаа до водство од 19-10 по 10. минути игра. Добрата игра на домаќините донесе и предност од 24-14 во втората четвртина, кавадарчани долго и ја одржуваа стекнатата предност, но завршницата на првото полувреме беше во знакот на гостите кои одиграа одлично во одбраната, стигнаа и до скокови во напад па изедначија на 32-32.

Натпреварот продолжи во изедначено темпо на отварањето на второто полувреме. Во играта „кош за кош“ двата тима го менуваа водството, но ниеден од нив не успеа да направи значјна серија па пред одлучувачката четвртина резултатот гласеше 46-48 благодарение на тројката на Караџовски на 10 секунди пред крајот. Во неа прв иницијативата ја превзема Пелистер кој успеа да го лимитира домаќинот во нападот, а најде решение преку бековите и крилата за двоцифрена предност (58-68) и продолжување на победничката низа.

Планиниќ беше лидер на Еуро Никел со дабл-дабл од 22 поени и 10 скока, додека него го следеше Гавриловиќ со 15 поени. Караџовски беше прво име кај Пелистер со 20 поени, 15 поени и 14 скока додаде Мустафица, додека со 12 поени мечот го заврши Карпентер.

Се вчитува...