Пелистер со една нога е на Ф4 во СЕХА-лигата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се на чекор до пласман на фајналфор турнирот во СЕХА-лигата откако во првиот четвртфинален натпревар славеа над Татран Прешов со убедливи 37-29. Битолчани беа подобар ривал на теренот, а клучната предност ја направија во завршните десет минути, кога успеаја повторно резултатски да се одлепат и да си обезбедат нешто помирен реванш во Словачка.

Ненад Костески постигна два од првите три гола за македонскиот вицепрвак за рано водство од 3-1, што „пелистерци“ експресно успеаја и да го зголемат. Данецот Хенеберг влезе во серија на погодоци и битолчани набрзина стигнаа и до 7-3. Костески беше прецизен уште еднаш за уште поубедливи 8-3, а доминацијата на „зелено-белите“ продолжи и во наредните десетина минути, па 20. минута со голот на Цветан Кузманоски македонскиот претставник поведе и со седум гола предност (15-8). И кога се очекуваше Пелистер да ја задржи огромната предност, дојде до голем пад во играта на домашниот состав, што гостите од Словачка го искористија за до крајот на полувремето да намалат на 20-17.

Татран стигна и до 20-18 на самиот почеток од второто полувреме, а Лесјак блесна со две брзи интервенции при овој резултат, не дозволувајќи Татран уште повеќе да се приближи. Еурофарм постигна два гола во низа и зголеми на 23-19, нешто подоцна имаше и водство од 28-23, што со својот осми гол го намали пивотот Касаткин, кој константно им создаваше огромни проблеми на битолчани. Татран пак влезе во мини-серија, намали на 28-26 и го принуди Александар Јовиќ да побара тајмаут. Словаците стигнаа и до 28-27, но Кисум погоди во вистински момент, прекинувајќи ја нивната серија. Моментумот се сврте во корист на македонскиот клуб, кој набрзина „набилда“ предност и со голот од контранапад на Костески поведе со 32-27.

Гостинскиот тренер побара тајмаут, се обиде и со „седум на шест“, но Еурофарм Пелистер беше влезен во посакуваниот ритам, па со два гола во празна мрежа на Костески битолчани поведоа со најубедливи осум гола предност (36-28). Шоуто на битолчани траеше до самиот крај, Костески го постигна и десеттиот погодок на натпреварот за 37-28, за на крајот да слават со конечни 37-29.

Покрај фантастичниот Костески, најзаслужни за победата беа Данците Хенеберг со осум и Кисум со шест, додека Василев и Кузманоски реализираа по четири погодоци.

Се вчитува...