„Пелистерци“ на подготовки во Србија: Тимот е подготвен да ги издржи напорите до крајот на сезонава

Ракометарите на Е. Пелистер ја одработија првата фаза од подготовките за втората полусезона во Битола, а по враќањето на ракометарите кои беа дел од СП 2025 македонскиот првак ќе отпатува на мини тренинг-камп во Стара Пазова, Србија.

Тренерот Раул Алонсо е задоволен од сработеното во изминатиот период, а шпанскиот стручњак верува дека „пелитерци“ се добро подготвени на физички план за да ги издржи напорите во клучниот дел од сезоната и битката за титулата.

„Напорно работевме, имавме многу тренинг сесии, а и интензитетот беше силен. Атлетскиот дел исто така ни е важен и можевме мирно да работиме на тоа. Одигравме неколку тест натпревари и сега заминуваме на припреми во Србија. Ни се приклучуваат репрезентативците и така ќе можеме да ги споиме двете групи на ракометарите кои играа на Светското првенство и оние кои работеа тука во Битола. Тимот е спремен да ги издржи напорите на многубројните и наближени натпревари до крајот на сезоната. Но, ние не сме единствени кои го имаат тој предизвик пред себе. Знаеме какви противници имаме, но ќе бидеме подготвени“, изјави Алонсо.

Проблем за стратегот на „пелистерци“ е тешката повреда што за време на Мундијалот во Хрватска ја заработи Нејт Цехте, по што десниот бек најмалку уште два месеци нема да му бида на располагање на Алонсо.

„Повредата на Нејц е лоша вест за нас. Навистина жалам за него, но повредите се составен дел од спортот. Беше болно и скршени ребра не е едноставна повреда. Верувам дека добро ќе заздрави, а ние ќе се обидеме да го надоместиме неговиот изостанок. Му посакувам добро заздравување и го чекаме назад во тимот“, порача стратегот на Е. Пелистер.

Се вчитува...