„Пелистерци“ пред Нексе: Поправање на впечатокот од Нови Сад

Еурофарм Пелистер продолжува со серијата натпревари во СЕХА-лигата, откако по поразот од Војводина во Нови Сад пред македонскиот вицепрвак е нов предизвик, гостување во Нашице против хрватскиот вицешампион Нексе. Станува збор за дуел на тимови кои во првите натпревари загубија од Војводина, порази од кои ќе сакаат задолжително да го поправат впечатокот од отворањето на сезоната.

Тренерот Валтер го посочи намалувањето на техничките грешки во нападот како клучен дел од играта во кој мора да има напредок, но и ги потенцираше проблемите со бековската позиција со кои се соочуваат „пелистерци“.

„Нексе е одличен тим, но видовме дека ја направија истата грешка, како и ние против Војводина. Среде подготовки сме, оставивме неколку ракометари дома за да ги заштедиме, и затоа не изгледавме добро во Нови Сад. Но, сега имаме два дена за подготовка и ќе бидеме подобри. Проблем ни е што немаме многу ракометари тука во Нашице, дојдовме само со четири бека за да покријат шеесет минути, што не е многу. Најголемиот проблем за поразот против Војводина беа техничките грешки кои ги направивме. Ги имавме дури деветнаесет, што не е нормално. Тоа ни се случи бидејќи сме во подготвителен период. Физичките тестови минатата недела беа добри, па сега работиме само на ракомет и треба да се подобриме. Имаме добри шанси да играме израмнет натпревар против Нексе и ќе бидеме подготвени за тој дуел“, изјави тренерот Валтер.

Бекот Марио Танкоски со голем респект гледа на противникот, потсетувајќи дека станува збор за екипа што моментно е првопласиран во Европската лига на ЕХФ.

„Нексе оваа година игра добар ракомет, први се во групата во Европската лига. Се работи за одлична екипа, но и тие во Нови Сад убедливо загубија и лошо играа, исто како и ние. Овој натпревар и за нас и за нив ќе биде можност за поправање на впечатокот. По репрезентативни настапи нормално е да има вакви осцилации. Ќе бидеме подобри во следниот период, ни претстои тежок февруари и два натпревари секоја недела. Мора да се подигнеме за да извлечеме убави резултати“, прокоментира Танкоски во пресрет на утрешниот натпревар.
Мечот меѓу Нексе и Еурофарм Пелистер на програмата е утре со почеток во 18 часот.

Се вчитува...