Пенал-комплекс за Челси: Ливерпул го освои ФА Купот на Англија

Ливерпул го освои и вториот пехар сезонава откако во драматично финале на ФА Купот на Англија го совлада Челси на „Вембли“, по подобро изведување на пеналите. Идентично како и на финалето од лига-купот пред нешто повеќе од два месеци, Ливерпул и Челси одиграа 120 минути 0-0, за во пенал-рулетот поумешни да бидат избраниците на Јирген Клоп.

Неверојатно е како во 120 минути игра не беше постигнат ниту еден погодок со оглед на играта и шансите на двата тима. Ливерпул само во првите десетина минути создаде три одлични ситуации преку Луис Дијаз, но не успеа да го најде патот до мрежата на Менди. Челси се консолидираше, преку Пулишиќ и Алонсо имаше убави шанси во првото полувреме, а лондонскиот тим потоа на почетокот од второто полувреме имаше уште неколку одлични можности, но не го совлада Алисон Бекер.

Ливерпул, кој во првото полувреме остана без повредениот Мохамед Салах, беше подобар ривал во завршницата, но „црвените“ немаа среќа во последните десет минути во кои најпрвин Дијаз, а потоа и Робертсон го погодија дирекот од голот на противникот.

Ливерпул беше на чекор до трофејот откако Азпиликуета биеше во дирекот, а првите четири изведувачи на „црвените“ беа прецизни. Сепак, таа серија не ја продолжи Садио Мане, чиј удар беше запрен од Менди, за продолжување на драмата на „Вембли“. Пресудна се покажа седмата серија во која Алисон го запре Маунт, по што Цимикас стрелаше прецизно, за нов освоен пехар на Ливерпул.

Се вчитува...