Пеп бесен и покрај победата: Станавме „сончогледи“, со ваква игра никогаш нема да го стигнеме Арсенал

Манчестер Сити со голем пресврт се врати од 0-2 и славеше со 4-2 на дербито со Тотенхем, но Пеп Гвардиола ја искористи прес-конференцијата по мечот за јавно да ги критикува своите фудбалери.

Трофејниот стратег е видно незадоволен од незалагањето на „граѓаните“ на голем дел од натпреварите, што придонесе овој тим да има заостанување од пет бода зад Арсенал во трката за титулата.

„Сакам реакција на моите играчи, на стручниот штаб, на целиот клуб. Станавме „сончогледи“, секој ден се вртиме на различна страна и искрено никој не знае како ќе изгледаме кога ќе почне мечот. Имавме среќа против Тотенхем, но ако не се промениме наскоро, ќе загубиме уште повеќе бодови. Нема енергија, страст, желба за победа од првата минута. Истото е случај и со нашите навивачи, на стадионот беше тишина цело прво полувреме, а потоа ни свиреа затоа што губиме, не затоа што играме лошо. Можеби се најдовме во ваква ситуација бидејќи освоивме четири титули во последните пет години, но во моментов сме многу, многу далеку од највисоко ниво на играње фудбал. Пред себе го имаме Арсенал, тим што 20 години нема титула и што секоја минута на терен ја игра со жар во очите. Дали со ваква игра можеме да го стигнеме Арсенал? Нема шанси, мораме да бидеме подобро. Не треба да се жалиме на ништо, туку да работиме напорно и да играме подобро“, бурна беше реакцијата на Гвардиола по триумфот над Тотенхем.

Се вчитува...