Перишиќ се враќа назад во Италија, но не во дресот на Интер

Краток ќе биде престојот на Иван Перишиќ во Тотенхем откако хрватскиот ас ги спакувал куферите и го чека крајот на сезонава за да си замине од лондонскиот клуб и од Премиер-лигата. Хрватот дојде во Тотенхем на инсистирање на Антонио Конте, со кого имаше беспрекорна соработка во Интер, а по заминувањето на трофејниот стручњак Перишиќ и самиот сака да стави крај на лондонската авантура и да се врати назад во Италија.

Според италијанските медиуми, тоа нема да биде во Интер, туку во редовите на Рома. „Волчицата“ ја следи ситуацијата на искусниот хрватски фудбалер и подготвува понуда со која би го убедила да потпише за тимот на Жозе Мурињо. Перишиќ во моментов во Тотенхем зема плата од шест милиони евра по сезона, побарувања што ќе треба да ги намали за да потпише за Рома, но римјаните би му понудиле тригодишен договор, што е значаен фактор ако се знае дека Перишиќ има 34 години.

Тотенхем го очекува сериозен ремонт во текот на летниот преоден рок, а листата на играчи кои ќе си заминат ја предводи капитенот Хари Кејн.

Се вчитува...