Петровиќ: Шутот не ни одеше, но одбраната беше одлична

Александар Петровиќ имаше причина за задоволство од изданието на МЗТ Скопје на вечното дерби со Работнички, што аеродромци го добија со убедливи 47-66.

Цврстата одбрана е нешто на што Петровиќ инсистира од своите кошаркари, па искусниот стратег мора да биде задоволен кога на еден дерби дуел ќе се примат помалку од 50 поени.

„Презадоволен сум од начинот на кој игравме во одбраната. Бевме целосно на висина на задачата, го контролиравме скокот и тоа ни ја донесе победата и покрај фактот што во нападот не одигравме на највисоко ниво. Шутот не ни одеше на денешниот натпревар, но добро е кога и во таква ситуација ќе се покаже карактер и со цврста одбрана ќе се стигне до позитивен резултат“, изјави Петровиќ за ЕКИПА.

Веќе утре „металците“ тргнуваат на ново патување, со автобус кон Љубљана, каде в сабота ги очекува тешко гостување против Цедевита Олимпија во рамките од петтото место од АБА-лигата.

„Она што треба да го сториме е да одиграме дисциплинирано, она што ќе го договориме да се обидеме да го спроведеме на теренот. Јасно е дека Цедевита е тим со голем буџет и звучни имиња, но ние нема да одиме со бело знаме на ова гостување“, порачува стратегот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...