Петар Наумоски од ден на ден се наоѓа се поблизу до работ на амбисот наречен заминување од Македонската Кошаркарска Федерација откако актуелниот претседател се повеќе ја губи довербата на сите клучни фактори во мак-баскетот. Таа е од поодамна загубена кај клубовите, но сега Наумоски ги губи и главните адути – здруженијата кои лани му значеа загарантирани гласови на првиот човек на федерацијата.
Тренерското Здружение е меѓу првите кое јавно го крена својот глас против Наумоски, а на понеделничкото собрание ќе гласа недоверба за актуелниот претседател. ЕКИПА дознава дека на состанокот на ова здружение бил дециден ставот околу способноста на претседателот и во иднина да седи на чело на МКФ. Наумоски се обидувал да го разубеди претседателот на здружението дека сепак со тајно гласање ќе биде во можност „молкум“ да го даде својот глас за него, но тогаш предводникот на ова здружение Драган Василов – Цевка си дал оставка од својата функција, оставајќи го Пеце во „шах мат“ ситуација, свесен дека загубил уште еден значаен глас во битката за останување на власт.
Не станува збор само за тренерската, туку и уште неколку други здруженија (Асоцијација Три на Три, на ветерани, па дури и Асоцијацијата на кошаркари), кои се подготвени да гласаат „против Наумоски“, па јасно е дека и покрај решеноста на актуелниот претседател да не ја даде власта, останувањето му е речиси невозможно, дури и со тајното гласање што го има како свој последен адут.
Само за потсетување, и тоа гласање е спротивно на Правилникот за работа, за што потврда даде и претставникот на Агенцијата за Млади и Спорт на ланското Собрание, но тогаш Наумоски без никаков аргумент тврдоглаво и самостално донесе одлука гласањето да е тајно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА