Пирло: Многу научив од Конте, поради него станав тренер…

Андреа Пирло триумфираше на големото дерби со Милан, но тренерот на Јувентус вечерва го очекува ново тешко гостување во Милано, овојпат против екипата на Интер. Дуелот со „нероаѕурите“ е уште позначаен ако се знае респектот со кој Пирло гледа на Антонио Конте, стратегот со кого имаше беспрекорна соработка додека го носеше дресот на Јувентус.

„Старата дама“ ќе влезе во натпреварот со четири бода заостанување и меч помалку од второпласираниот Интер, но Пирло е оптимист дека може да го надмудри својот поранешен тренер.

„Научив многу за фудбалот додека играв за Конте. Тој беше првиот што ме натера да размислувам и самиот да станам тренер кога ќе ја завршам кариерата. Да не заборавиме дека овој тренер испиша историја со Јувентус, сега тргнавме по различни патишта и вечерва ќе бидеме ривали. По карактер сме сосема различни, најверојатно затоа и секогаш сме се сложувале. Последен пат зборувавме пред стартот на сезоната, меѓу нас се уште постои голема почит и пријателство. По деветта титули во низа притисокот е врз нас и покрај промените во тимот. Сепак, ние сме Јувентус и нормално е да има притисок во овој клуб. Моментно не сме на врвот, но ќе се бориме до самиот крај, нема да се откажеме. Свесен сум дека пред нас е тежок дуел, Интер е тим што сака да диктира темпо, но ние не смееме да влеземе со страв во овој меч“, истакна Пирло.

Се вчитува...