Питс спречи изненадување во „Градски Парк“ (Фотогалерија)

Работнички по огромна битка триумфираше над Еуроникел во дерби-дуелот од 15. коло во кошаркарскиот шампионат, меч што го реши Американецот Демиер Питс. Кавадарчани покажаа одлична игра и фантастичен карактер, но беа немоќни да го запрат последниот напад на „центарци“, кои благодарение на своето најново засилување стигнаа до значаен триумф во пресрет на паузата поради репрезентативната пауза.

Целиот натпревар мина во израмнета игра, двете екипи се менуваа во водство, а Еуроникел ја заврши третата четвртина со водство од 50-55. Работнички се врати благодарение на Питс, кој во следните три минути постигна осум поени и донесе пресврт, но Еуроникел немаше намера да се предаде. Иако имаа „минус пет“ на една минута до крајот, кавадарчани израмнија со тројката на Бакоч и реализацијата на Марцет. Сепак, последниот напад го имаа домаќините, а Питс ја презеде одговорноста и умешно ја смести топката низ обрачот, за голема радост на малубројни навивачи во „Градски Парк“.

Младеновски одигра добар натпревар со 17 поени и 9 скокови, Мијатовиќ постигна 14 поени, а Питс придонесе со 13 поени и 4 асистенции во овој триумф на тимот на Димитар Мираковски. Најефикасни во таборот на Еуроникел беа Каплановиќ со 21 и Бакоч и Караколев со по 10 поени.

Се вчитува...