План Б: Три опции за игра без Лазаров

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Се ближи почетокот на нашиот натпревар со Чешка, а и на помалку од два часа до натпреварот е неизвесно дали Кире Лазаров ќе може да помогне на нашиот национален тим на овој исклучително значаен натпревар. Одлуката се држи во најстрога тајност и поради противникот, но јaсно е дека селекторот Раул Гонзалес во изминатите 24 часа беше принуден да побара и „план Б“, во случај Лазаров да не биде оспособен за настап.

1. Доверба во Мартин Велковски

Доколку Кире Лазаров не е во можност, тогаш Раул дефинитивно ќе мора да му укаже целосна доверба на Мартин Велковски, единствениот десен бек што му преостанува во тимот. Младиот ракометар на Металург како и самиот да беше шокиран од случувањата против Шпанија, имаше бројни грешки и загубени топки, но овојпат со право се очекува подобар настап од негова страна, со оглед на фактот дека Велковски поседува потенцијал што сега ќе треба да го потврди и на сениорско репрезентативно ниво.

2. Прибак/Миркуловски

Тешко е да се верува дека Велковски ќе биде избор во текот на сите 60 минути, па во одреден дел од натпреварот Раул ‘ќе се обиде да изненади и со играч што игра со десната рака на позицијата десен бек. Кузмановски не се снајде најдобро играјќи „на сила“ против Шпанија, па против Чешка многу пореално е да се очекува на десно да тргне еден од играчите што се подобро „технички потковани“. Прибак и Миркуловски се ракометари кои добро се снаоѓаат во ситуации „еден на еден“, знаат да влезат во простор, да асистираат и да изнудат пенали, па за очекување е и на неприродна позиција за себе да бидат адути на Македонија во дел од овој значаен натпревар.

3. Мартин Поповски

Најмала шанса, но сепак опција Раул да се обиде и со две десни крила, со тоа што Поповски би настапувал како бек, а Георгиевски би играл на крилната позиција од десната страна. Поповски во минутажата што ја доби заврши значајна работа и во одбраната, без разлика дали во 6-0 или 5-1, па доколку Раул одлучи да го промени темпото во одреден дел од мечот, неговиот пулен од Вардар сигурно е сериозна опција за краток период.

Се вчитува...