По деветти пат почувствувана легендата, истрчан митот: Крали Марко Треилс 2019

Овој викенд во одлична и позитивна спортска атмосфeра на Марковите Кули и прилепскиот регион се одржа деветтото издание на трката Крали Марко Треилс. Вкупно 240 тркачи од 20 држави стартуваа на трите трки за возрасни на 16, 34 и 67 километри. Дополнително, на детската трка Маркукуле Треил учествуваа 60-тина деца на возраст до 12 години кои истрчаа 1,5 километри.

На најдолгата дистанца од 67 километри која минува низ тешка и напорна патека во топли и суви услови учество зедоа 42 тркачи од кои 36 успешно ја завршија трката. Најбрз на оваа дистанца беше Александар Стојкоски од Прилеп кој воедно е еден од најдобрите тркачи од нашата држава, минувајќи ја патеката со време од  8:18:27 – рекорд на патеката која е активна од минатата 2018 година. Втор заврши Американецот Дарин Марквард, а трет беше Антонио Каранфилоски.  Во женска конкуренција најбрза беше Сања Најдовски со време од 11:03:40, веднаш после неа беше Ивана Јовановска, а трета финишираше Христина Петрова од Бугарија.

На трката од 34 километри прв заврши Дејан Ангелов со време од 4:03:24, втор беше Никола Илиевски, а трет Александар Еленин. Во женска конкуренција прва беше Елена Ртоска 5:14:56, втора Холанѓанката Шарлот Еијкелбум, а трета Ерида Куршумлија од Косово.

На трката Трескавец Треил – 16 километри, во машка конкуренција најбрзи беа Игор Стојановски 1:31:03, а само 43 секунди зад него заврши Никола Кутановски, а трет беше Виктор Ефремов. Кај жените прва беше Снежана Ѓуриќ 1:50:50, втора заврши Талија Петреска, а трета Мери Чкрипеска.

Детската трка „Маркукуле Треил” беше од отворен и ревијален карактер. Сите деца и млади имаа можност бесплатно да учествуваат, добија маичка со логото на трката и уживаа во дружбата на патеките. Идејата на оваа трка е да се поттикнат младите да спортуваат и рекреираат, но уште поважно, уште од мали нозе да се научат на фер-плеј, спортска култура и почитување на сите учесници.

Приказната на Крали Марко Треилс започнува уште  во 2011 година со една трка на 16 километри, за веќе во 2012 да се одржи ултра дистанца од 60 километри. Низ годините тој успеа да ја задржи својата традиција и да се постави како еден од главните двигатели за развојот на планинското трчање во Македонија. Покрај ова, тимот на „Трекс” на своите трки секогаш се труди да ги промовира и наметне основните вредности кои се дел од заедницата на планински тркачи како еднаквоста, автентичноста, почитта, фер-плејот и правилното однесување кон животната средина.

Сите резултати се достапни на  https://results.kmt.mk/index.php?#

Се вчитува...