По одмазда против Естонците за „откинатите“ два бода од Талин

По историскиот пласман на своето прво европско првенство, македонската репрезентација денеска од 15 часот на националната арена „Тодор Проески“ против Естонија ги продолжува натпреварите во новата сезона од Ц-лигата во Лигата на нации.

Во претпоследното коло, иако со „шарен состав“ поради отсуството на Пандев, Барди, Адеми, Алиоски, Димитриевски, Велкоски…, Македонија е желна за одмазда против Естонците за ремито (3-3) од првиот меѓусебен натпревар. И покрај емотивната истрошеност на репрезентативците, и селекторот Игор Ангеловски најавува атак на трите бода денеска во Скопје.

„Јас кога почна оваа нова сезона кажав дека нашата главна цела е пласман на ЕП, но и сакаме во новата сезона да дојдеме до првото место во групата. Нормално е сега, по еден ваков успех, да бидеме и емотивно испразнети но кога играш за Македонија секој натпревар е важен. Имаме и свежина и квалитет во репрезентацијата да дојдеме до победа против Естонија“ – вели Ангеловски притоа дополнувајќи:

„Од тоа што го имам на располагање ќе се обидеме да креираме и најдобра тактичка варијанта да дојдеме до победата против Естонија. Но, ние сме доволно заедно и доволно се познаваме меѓу себе за да знаеме како да дојдеме до победата и до битката за првото место во групата“.

Еднакво е размислувањето и на офанзивецот на АЕК Ларнака, Иван Тричковски.

„По историскиот успех факт е дека потрошени сме и физички и психички и емоционално, но наша должност е кога е во прашање репрезентативниот дрес да го дадеме максимумот и да дојдеме до првото место во групата. Ние сме професионалци, продолжуваме понатаму. Не можеме сега да кажеме дека ете стигнавме до историски успех, па благодариме се гледаме во јуни следната година. Напротив, наш следен предизвик се Естонија и Ерменија и одиме на две победи“ – вели Тричковски.

Се вчитува...