По три месеци пауза се враќа Премиер-лигата

По три месеци пауза поради пандемијата од коронавирусот, денеска се враќаат натпреварите во најсилната фудбалска лига во светот, Премиер-лигата. Со натпреварите меѓу Манчестер Сити – Арсенал и Астон Вила – Шефилд Јунајтед фудбалот во Англија ќе добие свој рестарт по најдолгата пауза во историјата по Втората светска војна.

Најсреќни поради завршувањето на сезоната ќе бидат од Ливерпул кој по пауза од 30 години конечно ќе стигне до трофејот. „Црвените“ имаат неверојатни 25 бода предност пред второпласираниот Манчестер Сити и единствено нешто што можеше да ги спречи кон освојување на трофејот беше токму една ваква светска криза, како што е коронавирусот. Сепак, ФА одлучи шампионатот да биде довршен, па Ливерпул ќе може на теренот да стигне до 19 титула шампион на Англија.

Манчестер Сити кој на крајот сигурно ќе заврши на втората позиција се соочува со проблеми со суспензија, па доколку жалбата кон ЦАС не биде прифатена тие ќе бидат суспендирани од Лигата на шампионите во следните две сезони. Тоа значи дека се отвора можност и за петтопласираниот на табелата следната сезона да учествува во елитното натпреварување. Лестер кој во моментов е трет најверојатно веќе ја обезбеди визата за ЛШ, а за останатите сега веќе две места ќе се борат Челси, Манчестер Јунајтед, Вулверхемптон, Шефилд Јунајтед, Тотенхем и Арсенал, тимови кои ќе ги поделат местат и за Лигата на Европа.

Кога е во прашање борбата за опстанок, Норич веќе со едната нога е во Чемпионшип, но за избегнување на останатите две места кои водат во понизок ранг ќе има исто така голема борба како и за Европа. Разликата меѓу петнаесетиот Брајтон и претпоследната Астон Вила е само четири бода, што значи дека овие два тима и Вест Хем, Ватфорд и Бурнемаут до крајот ќе имаат голема борба за привилегиите што ги носи опстанок во Премиер-лигата.

Рестартот на сезоната во Англија почнува со мечот Астон Вила – Шефилд Јунајтед кој на програмата е од 19 часот, а два часа подоцна во дербито на колото Манчестер Сити ќе го пречека Арсенал.

Се вчитува...