Фудбалерите на Победа на игралиштетото на стадионот на „Могила“ ги стартуваа подготовките за новата натпреварувачка сезона. Шефот на стручниот штаб, Зоран Штерјовски во свето кратко обраќање го образложи планот на подготовките и им посака здравје, среќа и успех на фудбалерите.
На првиот собир присутни беа најголемиот дел од играчите кои настапуваа и во минатогодишната сезона. Официјално засега клубот го напуштија Валентин Колески, Даниел Котески, Даниел Талески, Милан Војводиќ, Никола Тошески, Звездан Џорџиловиќ и Благојче Коњарски. Од новајлиите присутни беа Борче Маневски и повратникот Нове Ацески, додека на првиот тим приклучени се и младите Петар Петроски, Дарко Ангелески и Христијан Цветаноски.
Од друга страна на проба се повеќе играчи, 23-годишниот репрезентативен стопер од азербејџански Азал Турал Хумбатов, 21-годишниот бразилски крилен напаѓач Ериксон Гонзалвес кој доаѓа од хрватски Меѓумурје, 21-годишниот централен везен хрват Габриел Миоч од Сесвете, 21-годишниот интернационалец од Хаити, Еуген Пеине, младиот 19-годишен крилен напаѓач Александар Најдоски, син на поранешниот фудбалер на Победа и Вардар, Спасе Најдоски, кој до пролетва настапуваше за младинците на Вардар, и членот на неколку третолигашки екипи од регионов, Мартин Мечев.
Пред своите соиграчи првпат во новата улога, и како спортски директор, се обрати и Александар Крстески.
Според планот на подготовки екипата останува во Прилеп до 13. јули. Во оваа прва фаза од подготовките, кога комбинирано ќе се работи на терен и во теретана, планиран е еден тест натпревар. Потоа експедицијата се сели на десетдневни подготвки во Банско, Бугарија, каде во план се четири тест натпревари. По враќањето во Прилеп ќе се работи на воигрување на тимот, а веќе е договорен тест натпревар со косовскиот прволигаш Лирија на 26. јули во Охрид.
Неофицијално, според информациите од ФФМ, првенството на Првата лига ќе започне на 13. август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА