Победа за Хамилтон на Интерлагос, титула за Мерцедес

Формула 1 шампионот, Луис Хамилтон, е победник на трката за големата награда на Бразил на патеката Интерлагос. За него ова е десетта сезонска победа, а што е поважно неговиот триумф и петтото место на Валтери Ботас значи дека на претпоследната трка од сезоната, Мерцедес ја одбрани титулата во конкуренција на конструктори.

Хамилтон на денешната трка водеше битка со Макс Ферстапен од Ред Бул кој долго му пркосеше во трката за првото место, но бизарниот удар со Естебан Окон го исфрли Холанѓанецот од игра. Хамилтон имаше сериозни проблеми со пневматиците во последните два круга, но успеа да извози успешно до триумфот.

Заедно со Хамилтон и Ферстапен, на подиумот како третопласиран се искачи и Кими Раиконен на Ферари. Вториот возач на италијанскиот тим, Себастијан Фетел заврши на шестата позиција.

Последната трка од сезоната, за големата награда на Абу Даби е по две недели.

Се вчитува...