Светот на фудбалот е во жалост по веста дека легендарниот англиски фудбалер и менаџер, Кевин Киген, почина на 75-годишна возраст. Тажната вест ја потврди неговото семејство, соопштувајќи дека Киген ја загубил битката со рак во четврта фаза. Последните моменти од животот ги поминал во мир, опкружен со својата сопруга и ќерките.
Познат под прекарот „Кинг Кев“, тој остави неизбришлив белег во историјата на овој спорт. Во својата богата клупска кариера одигра речиси 750 натпревари. Најголемите успеси ги постигна со Ливерпул, со кој трипати ја освои англиската лига и еднаш тогашниот Куп на европските шампиони.
Како фудбалер на германски Хамбургер, тој двапати по ред (во 1978 и 1979 година) ја освои престижната „Златна топка“ за најдобар играч во Европа. За репрезентацијата на Англија забележа 63 настапи, постигнувајќи 21 гол, а во 31 натпревар ја носеше и капитенската лента.
По завршувањето на играчките денови, Киген изгради забележителна тренерска кариера. Неговиот менаџерски мандат во Њукасл Јунајтед во 90-тите години останува култен дел од Премиерлигата. Го спаси тимот од испаѓање, а потоа го предводеше во епската битка за титулата во сезоната 1995/96, кога неговите „Забавувачи“ (The Entertainers) завршија веднаш зад Манчестер Јунајтед. Подоцна беше и селектор на Англија (1999–2000), а со успех го предводеше и Манчестер Сити, враќајќи го клубот во елитното друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
