Почина вардаровата легенда Мирко Илиевски, човекот кој го донесе трофејот од Купот на СФРЈ во 1961 година

На 83-годишна возраст денеска во Скопје почина една од најголемите вардарови легенди, Мирко Илиевски.

Популарниот Брбале, како што беше познат меѓу вардаровите фудбалери и симпатизери, за „црвено-црните“ настапуваше дури осум сезони во периодот од 1956 до 1964 година. Во дресот на фудбалскиот великан од Скопје, има одиграно вкупно 325 натпревари и настапено на 191 првенствена средба, со 89 постигнати погодоци во противничките мрежи.

Илиевски исто така ги одигра и двата премиерни натпревари за клубот на европската сцена, кога Вардар во сезоната 1961/62, ги одмери силите против шкотскиот Данфермлајн, во Купот на националните куп победници.

Мирко Илиевски ќе остане запаметен како еден од најзаслужните за освојувањето на првиот трофеј на Вардар во поранешна СФРЈ – Националниот Куп на поранешна Југославија, во далечната 1961 година.

На финалниот натпревар одигран во Белград на 26. мај, Илиевски беше асистент при постигнувањето на првиот и стрелец на вториот погодок, во победата од 2-1 против Вартекс од Вараждин.

 

Се вчитува...