Почна плејофот во АБА: Црвена Звезда и Будуќност убедливи на стартот

Возбудувањата во плејофот од АБА-лигата официјално стартуваа денеска со два натпревари на кои Црвена Звезда и Будуќност рутински ја оправдаа фаворитската улога против екипите на Задар, односно Мега.

Црвена Звезда во првиот меч од четвртфиналната серија со Задар ја проби границата од 100 постигнати поени, декласирајќи го гостинот со  100-73, одмаздувајќи му се на хрватскиот тим за неочекуваниот пораз во првиот дел од сезоната. Недовиќ и Петрушев ги предводеа стрелците кај Црвена Звезда со по 16 поени, додека Кампацо го заврши мечот со осум поени и осум асистенции.

Будуќност не виде мака на премиерниот меч од серијата со Мега, славејќи со убедливи 94-77. Гостите изненадија со добрата прва четвртина што ја добија со 14-22, но потоа црногорскиот првак доминираше во вториот период, добивајќи го со 35-15. Печат на победата беше ставен со третиот период во кој Будуќност пвоторно беше двоцифрено подобар (28-18), за во последните десет минути само рутински да ја задржи убедливата предност. Грин одигра уште еден одличен меч за Будуќност постигнувајќи 34 поени, додека прв стрелец на Мега беше Ѓуришиќ со 17 поени.

Се вчитува...