Почнува аукцијата за Халанд – првата понуда изнесува 90 милиони евра

Ерлинг Халанд има клаузула во договорот со Борусија Дортмунд што во летото 2022 година го прави достапен за 75 милиони евра, но бројни европски клубови се подготвени уште летово да тргнат во офанзива за да го доведат норвешкиот суперталент во своите редови. „Милионерите“ од Дортмунд на тој начин би заработиле повисока сума од онаа предвидена во клаузулата, па за очекување е час поскоро да почне аукцијата во која гигантите ќе наддаваат за да го обезбедат потписот на оваа гол-машина.

Челси е тимот што ќе ја стартува оваа аукција, откако денеска беше објавено дека Роман Абрамович дал зелено светло за да се стартуваат преговорите, па сега клупските директори се подготвени да сторат се за да ја исполнат желбата на големиот газда. Првата понуда на Челси, што се најавува дека ќе биде официјално испратена до Дортмунд следната седмица ќе изнесува 90 милиони евра.

Германскиот клуб нема веднаш да одговори на истата туку ќе чека цената на Халанд дополнително да се крене, но според истите извори Челси е поготвен да оди до 120 милиони евра, се со цел да го осигура потписот на Норвежанецот пред крајот на сезонава за да не дозволи неговата цена уште повеќе да скокне за време на летниот преоден рок.

За Халанд се интересираат и Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Јувентус, па интересно ќе биде да се види како ќе се одвива трката за ангажман на овој суперталентиран голгетер.

Се вчитува...