Почнува Ла Лига, а Барса е без „мајсторот за први кола“

Чекањето во фудбалска Шпанија заврши, па со вечерашниот натпревар меѓу Атлетик Билбао и Барселона ќе биде означен стартот на новата сезона во која токму каталонскиот гигант ќе ја брани титулата, а главни ривали вообичаено ќе му бидат мадридските гиганти Реал и Атлетико. Тренерот Валверде се соочува со сериозни проблеми во пресрет на незгодното гостување на „Сан Мамеш“, за кое нема да може да смета на Лионел Меси.

Значењето на аргентинскиот генијалец за играта на Барселона е добро познато, но уште поимпресивни се бројките на Меси кога станува збор за првите натпревари од сезоната. Во последните девет средби од првите рунди од „Ла Лига“ аргентинскиот голгетер секогаш бил подготвен за настап и играл извонредно. Бројките говорат дека на овие девет средби тој постигнал вкупно 14 погодоци, од кои еден хет-трик, а пет сезони ги има почнато со по два гола на своето салдо.

Покрај Меси, денешниот дуел ќе го пропуштат и Артур и Видал, кои воопшто нема да патуваат со тимот во Билбао, а неизвесен е и настапот на Серхио Бускетс.

Се вчитува...